од Валентина Глигорова, нутриционист и доктор по природна медицина
Последниве години сè повеќе луѓе се свртуваат кон здравиот начин на исхрана. Стануваме свесни за влијанието на стресниот и брз живот врз нашето здравје и бараме начини да ја вратиме контролата преку подобра исхрана.
Како дипломиран нутриционист со студии во Англија и Белград, и како практикант на природна медицина, во мојата ординација „Нутри-Диет – Биди Здрав“ во Гевгелија работам со луѓе кои сакаат да го подобрат своето здравје и да стекнат подобри навики.
Поголемиот дел од клиентите се жени со желба за регулирање на тежината, но сè повеќе доаѓаат и мажи – не само за килограми, туку и за здравствени проблеми како висок притисок, дијабет, анемија, бубрези, па и посериозни заболувања.
Не е доволно само да се јаде „здраво“. Потребно е да се знае како да се комбинира храната. Протеини и јагленохидрати не треба да се мешаат во ист оброк. Секој оброк во денот треба да внесе балансирани хранливи материи – протеини, витамини, минерали, масти и сложени јаглехидрати.
Јадеме премногу пржена, преработена и мртва храна. Фалафел, салата, свежо овошје и зеленчук треба да бидат во фокусот. Препорачувам 80% свежа храна и 20% варена, како грав, леќа, брокула. Изберете ’ртени семиња, непечени јатки и природни зачини – со љубов кон подготовката.
Загрижувачки е што многу деца денес јадат тостови, хамбургери и пијат газирани сокови. Исхраната кај децата треба да биде разновидна, со сите потребни нутриенти. Но, храната што ја купуваме не секогаш е безбедна. Дури и на пазарите има производи со остатоци од пестициди. Избирајте свежо, органско и секогаш читајте етикети.
Диетата треба да е индивидуално прилагодена. Строгите диети и гладот предизвикуваат недостатоци и го ослабуваат имунитетот. Диета не значи гладување – туку режим на исхрана. Со вистински пристап, може да се постигне слабеење без последици.
„Како што се храниме – такво ќе ни биде здравјето“. Здравјето не доаѓа однадвор, туку преку она што го внесуваме. Ако денес не најдете време за своето здравје, утре ќе мора да најдете време за својата болест.
Внесете радост, движење и позитивност во секој ден – и ќе живеете квалитетен, исполнет живот.